Управен суд пресуди во корист на Академијата за судии и обвинители

Управниот суд на заседанието доцна синоќа ја уважил тужбата од Академија зa судии и јавни обвинители „Павел Шатев” против одлуката на Државната комисија за спречување на корупција која во средата одлучи дека Академијата ги прекршила законите со тоа што не го стопирала процесот на селекција на кандидати. Судот ја поништил одлуката на ДКСК и го вратил предметот на повторно одлучување на тужениот орган.

Во име на граѓаните на Република Северна Македонија, Претседателот на советот по советувањето и гласањето јавно ја соопшти Одлуката по тужбата со следната изрека: 

ПРЕСУДА

Тужбата на тужителот Јавна установа Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев”Скопје, СЕ УВАЖУВА.

Одлуката на Државната Комисија за спречување за корупцијата бр.12-1330/15 од 11.04.2024 година, СЕ ПОНИШТУВА и предметот се враќа на повторно одлучување на тужениот орган, се вели во соопштението објавено на веб страницата на Управниот суд.

Претставката до ДКСК беше поднесена од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова. 

Таа се обрати пред советот за да ги аргументира причините поради кои се обратила до ДКСК.

Според Силјановска Давкова, Академијата за судии го прекршува Изборниот законик со тоа што во моментов води постапка за вработување на 130 слушатели за идни обвинители и судии.

Директорката на Академијата, Наташа Габер Дамјановска се држеше до ставот дека конкурсот за кандидати никако не го попречува изборниот процес.

Претходно  Државната комисија за спречување на корупција  едногласно го поддржа приговорот на Давкова.