Управата за финансико разузнавање ги проверува парите за купување на Мериот

Замрзнувањето и одмрзнувањето на дванаесетте милиони евра со кои австриска фирма која поседува казино во Гевгелија го купува делот на фирмата Дивелоп груп на хотелот Мериот нема никаква врска со предметот Империја, велат извори од обвинителството за ТВ24. 

„Се работи за нормална постапка која ја покренува Управата за финансиско разузнавање кога има поголема сума за пари. Не е класично замрзнување, туку само за проверка на текот на средствата и откако ќе заврши истрагата, се одмрзнуваат таквите средства.“

Обвинителството, според информациите било само информирано за оваа постапка, но не и вмешано во проверката, а токму поради претходното објаснување. Дивелоп груп пак, е фирма во која една третина сопственост има компанијата Бест веј, а чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков. На останатиот дел од фирмата, сопственик е Александар Ивановски, познат како Алек Теранова.  

Фирмата беше опфатена со конфискацијата во предметот „Империја“, а откако ексдиректорот  на УБК се спогоди со обвинителството. Делот на Алек Теранова беше осолободен од замрзнување, додека пак делот на синот на Мијалков во „Мериот“ и фирмата „Дивелоп“ беа конфискувани од страна на државата.

Во меѓувреме, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков ја чека пресудата за предметот „Титаник 2“ за неговите адвокати да поднесат жалба за двегодишната затворска казна. Адвокатот Љупчо Шврговски за ТВ24 најавува дека веднаш откако ќе ја добијат пресудата, ќе поднесат жалба, а доколку за четири месеци не се донесе правосилна пресуда, ќе застари делото со кое Мијалков се товари во случајот за кој пресудата беше донесена пред само два дена.