Унгарски кредит за компаниите - дали каматата од 1,9% остана само на “хартија“ за дел од компаниите?
Денеска Развојната банка ги завршува обработките на проекти од компаниите за третата транша кои комерцијалните банки ги доставуваат кај нив за да бидат кредитирани со пари од унгарскиот кредит.
Од Развојната банка за Телевизија 24 велат дека до 15ти во месецот ги примаат проектите кои комерцијалните банки ги одобриле од компаниите и за нив од Миниството за финансии бараат сретства од унгарскиот кредит. Потоа до крајот на месецот проектите на компаниите поминуваат низ уште еден филтер, тука дополнителна проверка прави и Развојната банка.
Според информациите, мал број на проекти досега се одбиени од Развојната банка. Досега се опезационализирани 84 милиони евра. Но, информациите кои ги лиферуваше опозицијата се дека дел од компаниите биле условувани, со унгарскиот кредит да земат и дополнителни кредити од банките по повисоки каматни стапки. Властите признава дека е можно отстапување од првично договорените правила, но најавија дека ова дополнително ќе го проверат и ако има кршење на законот ќе се бара одговорност.
„Во оние компании каде што постои кредитен ризик нормално дека ќе има и определена каматна стапка која ќе се понуди, но секако многу поевтина од комерцијалните кои што ги нудат. Оние компании кои во целост ги исполнуваат условите, видете тоа е работа на банките не е на министерството за финансии или владата да се меша во Развојна, не е возможно.“ - Николче Јанкуловски.
Телевизија 24 побара став од Македонската банкарска асоцијација, дали и колку кредити комерцијалните банки дали на компаниите по принципот комбинација, дел од унгарскиот а дел од своите средства. Банкарите тоа не го откриваат, велат тоа било деловна тајна.
Од СДСМ остануваат на ставот дека парите од унгарскиот кредит засега не ги даваат најавените резултати.
„Што се однесува до средства од унгарскиот кредит - 250 милиони евра за приватниот сектор и 250 милиони за општините сè уште не се рефлектираат во агрегатните податоци. Доколку тие беа ефективно инкорпорирани во економијата, се очекуваше барем иницијален сигнал за инвестициска активност. Но, таков сигнал не постои.“ - Фатмир Битики СДСМ.
Унгарскиот кредит го следат неколку контроверзии од самиот почеток. Начинот на договарање, каматните стапки, условите за кредитирање и за што конретно ќе може парите да бидат искористени.