Унгарската телкомуникациска компанија 4ig до Владата достави писмо на намери за влегување во Македонија
Владата испрати соопштение дека унгарската групација 4iG доставила писмо до кабинетот на Мицкоски дека има интерес за влез на македонскиот пазар, но и денеска ресорниот министер Александар Николовски не најде време да сподели дополнителни информации. Во соопштението на владата стои дека целта е да се подобри конкурентноста во телекомуникацискиот сектор, но и да се намалат актуелните цени.
„4iG Групацијата изрази интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Иницијативата е усогласена со стратегијата на 4iG Групацијата за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан“, информираат од Владата.
Оваа потенцијална инвестиција во телекомуникацискиот сектор доаѓа во време кога новата влада најави дека договорен е заем на билатерално ниво токму со Унгарија, од каде е и компанијата 4iG. Дали влезот на оваа компанија на македонскиот пазар бил некаков услов за најавуваната милијарда од Унгарија, засега останува само енигма. Антикорупционерот Благоја Пандовски вели дека целиот процес на договарање за нов мобилен оператор треба институциите будно да го следат.
„Самиот процес на доаѓање на овој оператор, начинот на кој се договара, дали има некои лични интереси или итн, во овој момент не можеме да го коментираме. Но самиот овој процес би требало да биде под будно око на јавноста а особено на некои институции кои се директно надлежни за испитување на овие работи, можеби Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизиија“, вели Благоја Пандовски претседател на Транспаренси интернешнл.
Според официјалните информации од Агенцијата за електронски комуникации, во Македонија има 1 милион 950 илјади корисници на мобилна телефонија. Од нив 720 илјади користат при пејд услуги, а нешто над 981 илјади се на постпејд. Ставот на АЕК е дека повеќе од потребен е трет мобилен оператор, со образложение дека 46, односно 47 отсто им е уделот на двата оператори во однос на корисниците. Од АЕК напоменуваат дека засега кај нив не пристигнало, официјално барање за трет оператор.
„Не е јасно дали се преговара за трет мрежен оператор, се мисли на мобилен оператор што обезбедува мобилни мрежи и услуги или можеби се преговара за купување на некој постоечки оператор па потоа за негово надградување“, вели Игор Бојаџиев од АЕК.
Унгарската компанија во регионов има инвестирано во Албанија и Црна Гора, преку купување на оператори кои веќе функционирале во тие држави. Во Македонија веќе имаше таков случај. Она што е интересно за земјава е дека Македонија е една од ретките не само во опкружувањето туку и во Европа што немаме домашна или државна телекомуникациска компанија.