Унгарија затвора стадиони, библиотеки, театри и базени поради скапата струја

– Драстичниот пораст на цените на енергијата ја принуди Унгарија да ги затвори библиотеките, театрите, базените и нејзините нови стадиони во текот на зимата.

Новите стадиони, кои се сметаат за симболи на моќта на десничарскиот премиер Виктор Орбан, кој е на власт 12 години, се последните во долгата листа на објекти кои повеќе не можат да се носат со поскапувањето на енергијата.

Секешфехервар, еден од најбогатите градови во Унгарија, каде на власт се членови на партијата на Орбан, е еден од многуте што ги затворија своите музеи, библиотеки и театри за време на зимата. Градоначалникот Андраш Чер-Палкович најави дека новиот стадион, кој може да прими 14.000 гледачи, ќе биде затворен овој месец поради заштеда на трошоци.

– Јавните простори се она што го прави градот. Никој не е среќен поради овие мерки, но луѓето прифаќаат дека тие се неопходни, изјави Чер-Палковиќ, член на владејачката партија на Орбан, Фидес.