Унеско доаѓа на терен: Трасата Требеништа - Ќафасан пред финален преглед
На крајот на овој месец или почетокот на следниот претставници на УНЕСКО пристигнуваат во земјава по што ќе се знае финалната одлука за изградбата на трасата од автопатот Требеништа - Ќафасан која беше проблематична поради тоа што подрачјето e под заштита а со првичниот проект се загрозуваше неговата автентичност.
Министерот за транспорт Николовски вели последниот збор ќе го даде УНЕСКО откако заедно на терен со експертите планирано е да извршат увид во досегашните активности.
Николовски најавува дека оттука е предвидено поврзување со автопат и до Битола.
Инаку УНЕСКО Во точката 7 од Конечната одлука на Комитетот за светско наследство од 2019 година што се одржа во Баку, за овој проект првично вели дека државата не направила соодветна проценка на севкупното влијание на овој автопат врз исклучителната универзална вредност (УИВ) на Охридското езеро како светско наследство.
Две години подоцна, во 2021 г., УНЕСКО повторно дава препораки и изразува барање поврзано со изведба на целиот Коридор 8, вклучувајќи ги и патот и железничкото, но и енергетското поврзување меѓу С. Македонија и Албанија по должината на овој Коридор. Домашните власти во неколку наврати потенцираа дека за проектот нема да се оди до глава во зид и дека за неговата финална реализација ќе се почитуваат одлуките на УНЕСКО.

