Ултиматум до властите и најава за нов протест следната недела за скандалот на Онкологија

Со поставен ултиматум до властите за една недела да излезат со правда за случувањата на Онкологија заврши протестот пред Обвинителството кој беше организиран поради последните случувања на Клиниката за онкологија, каде што медиумите открија дека се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.

Сега се чека реакција од Обвинителството. Оттаму вчера преку соопштение информираа дека се вршат распити а ќе се формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Ги повикаа граѓаните кои имаат сознанија за Онкологија,  да ги пријават до надлежните органи.