Улиците во Албанија како од бојно поле – студентите бараат оставка од Владата раководена од Еди Рама

Не стивнуваат студентските протести во Албанија. Запалена е владина зграда, банки, трговски објекти. Демонстрациите што започнаа поради зголемувањето на трошоците за образование, корупцијата и можностите за работа по дипломирањето прераснаа во отворено незадоволство на студентите од работата на Владата и сѐ погласни барања за оставка на премиерот Еди Рама. Полицијата мораше да употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите кои претходно предизвикаа пожар во зградата на Министерството за образование, запалија филијала на „Рајфајзен банка“, а со молотови коктели беше нападната и полициска станица. За студентите, ниту актуелната влада ниту опозицијата не се прифатлива опција да ја предводат државата.

Изјава – жител на Албанија: „Овие протести се за сите жители на Албанија. Сакаме подобри услови за студирање, да нема корупција. Луѓето се многу гневни на системот. Сѐ мора да се смени во државата.“

Изјава – жител на Албанија: „Тука сме да протестираме против најкорумпираната влада. Тие го злоупотребуваат сѐ она што нашата држава може да го понуди.“

Еди Рама, пак, не помислува на оставка. Во првата реакција на студентските протести, Рама порача дека Владата е подготвена за дијалог, а одговорноста за настанатата штета ја префрли на опозицијата. Според Рама, нивната цел е да го нарушат меѓународниот имиџ на Албанија.

Еди Рама, премиер на Албанија: „Ова не можат да бидат рацете на студентите. Ние сме секогаш подготвени да разговараме и да дискутираме со нив. Ова се други раце кои сакаат да ја соборат Албанија. Ова се рацете на опозицијата, која, со маски, заслепена од омраза, оган и железо, се обидува да ја врати Албанија таму каде што никогаш нема да се врати, во бездната од која сите заедно ја извлековме и од каде што се искачуваме кон историски врв, во Европската Унија.“

Ова се најнасилните протести досега против Еди Рама, кој во мај минатата година го освои четвртиот мандат на функцијата. Сепак, како што тврдат албанските медиуми, Рама сега е соочен со растечко незадоволство и перцепција за корупција кај водечките функционери. Немирите избувнаа откако летово имаше серија мирни протести против Рама, поттикнати од предложениот проект за развој на луксузно одморалиште долж јужниот брег на Албанија, финансиран од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.