Украинскиот пијанист Вадим Холоденко вечерва на „Охридско лето“
Добитникот на златниот медал на престижниот Меѓународен пијанистички натпревар „Ван Клајбурн“, украинскиот пијанист Вадим Холоденко, вечерва ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“.
Холоденко важи за еден од најистакнатите пијанисти на својата генерација. По освојувањето на златниот медал на натпреварот „Ван Клајбурн“ во 2013 година, тој изгради успешна меѓународна кариера, настапувајќи со водечки оркестри и во најреномираните концертни сали во Европа, САД, Азија и Австралија.
Во изминатите сезони соработувал со оркестри како Фестивалскиот оркестар во Будимпешта, Данскиот национален симфониски оркестар, Филхармонискиот оркестар на „Ла Скала“, Лондонската филхармонија и Симфонискиот оркестар на Виена, а работел со диригенти како Карина Канелакис, Кристоф Ешенбах, Иван Фишер, Кристијан Мачелару, Сер Антонио Папано и Казуки Јамада.
Покрај солистичката кариера, Холоденко е активен и како камерен музичар, соработувајќи со истакнати уметници како Вадим Репин, Клара Џуми-Канг и Анастасија Кобекина, како и со квартетите „Белчеа“ и „Ерусалим“.
Неговите снимки на концертите за пијано од Григ, Сен-Санс и Прокофјев, објавени за издавачката куќа „Хармонија Мунди“, добија високи оценки од меѓународната музичка критика и признанија од списанијата „Грамофон“ и „Би-би-си мјузик магазин“.
Роден во Киев, Холоденко започнал да учи пијано на шестгодишна возраст, а студирал на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“. Пред триумфот на натпреварот „Ван Клајбурн“, бил победник и на меѓународните натпревари во Сендаи и „Франц Шуберт“. Денес живее и работи во Луксембург.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. На програмата се избрани дела за пијано на Шуман, Берлиоз, Лист.

