Украина, Русија и САД во Абу Даби - нова рунда преговори за завршување на војната

Во Абу Даби нова рунда мировни преговори меѓу Украина, Русија и САД. На дневен ред  територијалните прашања кои остануваат клучна пречка. По новите масовни руски напади, украинскиот претседател Володимир Зеленски обвини дека Москва го прекршила енергетското примирје, што предизвикало прилагодувања во работата на украинската делегација.

Тој очекува одговор од САД, оценувајќи дека Русија не ја разбира дипломатијата сериозно.

Володимир Зеленски – претседател на Украина

„Очекуваме одговор од САД на руските напади. Не поминаа ниту четири дена од неделата, а нивните зборови се веќе прекршени, што може да се очекува понатаму? Облогот на Русија за војна мора да добие одговор од светот. Работата на нашиот преговарачки тим ќе биде соодветно прилагодена“.   

Американскиот претседател Доналд Трамп, иако малку разочаран, сепак не е изненаден од последниот руски напад врз Киев, но вели дека Путин си го одржал зборот.

Доналд Трамп – претседател на САД

„Договорот беше од недела до недела. Тој го одржа зборот една седмица, но секако би сакал да ја заврши војната“. 

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте тврди дека Украина е подготвена за договор со Русија, но само доколку тој биде прифатлив за сите страни, иако и тој ја нагласи руската несериозност во мировните напори.

Марк Руте – генерален секретар на Нато

„Директните разговори се во тек и ова е важен напредок. Но, нападите на Русија, не сигнализираат сериозност за мир“. 

Разговорите, закажани за минатата недела, беа одложени минатиот викенд поради проблеми во договарањето на распоредот меѓу трите страни. Украинската делегација ја предводи шефот на Советот за безбедност, Рустем Умеров, главен руски преговарач е Игор Костјуков, шеф на воената разузнавачка служба, а американската страна  ја сочинуваат специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Русија, која окупира околу 20 насто од Украина, се закани дека ќе го заземе остатокот од регионот Донецк ако разговорите не успеат. Украина предупреди дека откажувањето од територија би ја охрабрило Москва и дека нема да потпише договор што нема да ја одврати Русија од повторна инвазија.