Украина, Блискиот Исток, глобалната улога на ЕУ и миграцијата главни теми на декемврискиот Самит на Унијата

Состојбите во Украина и на Блискиот Исток, позицијата на ЕУ во светот, нејзината отпорност и подготвеност и прашањата за миграцијата и за надворешната политика, ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија. 

Во делот од Самитот посветен на состојбата во Украина ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој своите колеги ќе ги информира за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја. 

Според најавата за Самиот, лидерите на ЕУ ќе разговараат за руската агресија врз Украина во сите нејзини димензии, вклучувајќи ги и најновите случувања на теренот и континуираната сеопфатна поддршка на Унијата за земјата и нејзиниот народ.  

- До сега, ЕУ и нејзините земји членки обезбедија преку 130 милијарди евра поддршка за Украина. ЕУ е посветена на праведен и траен мир во Украина, заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, како и на принципот дека не може да се преземе каква било иницијатива во врска со Украина без Украина, се наведува во најавата. 

Во однос на воената поддршка, лидерите на ЕУ ќе го разгледаат напредокот во испораката на системи за противвоздушна одбрана, муниција и ракети за Украина, како и обезбедувањето на потребната обука и опрема за украинските војници. Тие исто така ќе разговараат за зајакнување на енергетскиот сектор на Украина и на другата цивилна инфраструктура на која Русија намерно и се повеќе ги насочува своите напади, особено во пресрет на зимата. 

- ЕУ е подготвена да го зголеми притисокот врз Русија и трети земји кои ја поддржуваат Русија, вклучително и со обезбедување целосно и ефикасно спроведување на санкциите и преку дополнителни мерки за спротивставување на нивното заобиколување, се наведува во најавата. 

Лидерите на ЕУ ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и за тоа како Унијата може најдобро да придонесе во напорите за деескалација на состојбите, за имплементација на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан и за најновите случувања во Сирија. 

Друга важна тема на расправа на декемврискиот Самит на ЕУ ќе биде и позицијата на Унијата во светот, во чии рамки лидерите ќе имаат стратешка дискусија за тоа како блокот може да ја консолидира својата улога на меѓународната сцена, да ги брани своите интереси и да ги промовира своите позиции. 

Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ врз основа на извештајот подготвен на барање на Европската комисија од поранешниот фински претседател Саули Нинисто, ќе разговараат за зајакнување на отпорноста, подготвеноста и капацитетите за спречување и одговор на кризи на Унијата. 

Во овој контекст, тие ќе разговараат и за влијанието на заканите од зголемениот број природни катастрофи поради климатските промени. 

Лидерите на ЕУ треба да се осврнат и на конкретни прашања од надворешната политика, вклучително и за случувањата во Грузија и Молдавија. 

Предвидено е Самитот да заврши со обраќање на унгарскиот премиер Виктор Орбан кој ќе ги презентира резултатите од претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ во втората половина од оваа година.