Укинат притворот на Зеќири, судењето против него почна од почеток поради измените на КЗ

На денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд обвинителката Катерина Коларевиќ го преквалификуваше делото, поради последните измени на кривичниот законик со кои беше избришан ставот 5 од членот 353 кој се однесуваше на злоупотреби при јавните набавки, па сега наместо најмалку 5 години затвор, на Зекири му се заканува казна од 1 до 5 години...

- Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар,- -Катерина Коларевиќ јавен обвинител.

Со денешната преквалификација, судењето за Зекири по втор пат почна од почетокот, а сега наместо судечки совет, случајот ќе води еден судија. Поради намалената запретена казна, му се укина и домашниот притвор, па во иднина ќе се брани од слобода, без можност да ја напушта државата.

Зекири и денеска се изјасни за невин за тврдењето на обвинителството дека во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги за транформација на АД Пошта и Железници, со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147 000 евра повеќе од претходно договорените 795 000.

Денеска како сведок се појави и неговата сопруга, а следното рочиште за случајот е закажано на 7 ноември.