УЈП спречила измама вредна околу 2,6 милиони евра - нафтени компании со лажни фактури сакале да добијат поврат на ддв
Три компании кои се занимавале со трговија на нафта и нафтени деривати на големо и мало, се спречени од страна на Управата за јавни приходи да испумпаат над 2,6 милиони евра од државниот буџет.
Преку фиктивно сметководство компаниите се обиделе да добијат значителна сума за поврат на ДДВ и да добијат исплата по основ на личен доход. Директорката на УЈП Сања Лукаревска посочи дека освен даночни неправилности, компаниите немале ниту потребни дозволи за работа од Регулаторната комисија за енергетика, немале бензински пумпи, ниту соодветни магацински простории.
Станувало збор за цела мрежа на компании кои заеднички соработувале и користеле идентични потези во намерата да го изиграат системот на државата, односно три купувачи и пет добавувачи на нафта и нафтени деривати. Трите компании имале сопственици државјани од Македонија, но тие го промениле сопствеништво, и управувачката структура во компаниите. Едната фирма добила газда од Хрватска а другите две станале фирми на косовски државјани.
„Станува збор за три даночни обврзници, односно посебни три случаи и вкупно пет добавувачи. Во основ на сите контроли имаме наод од страна на инспекторите. Битно е да се информира и дека кај првиот и кај третиот даночен обврзник првичен сопственик и управител на двете правни лица пред да се изврши промената и да се назначи нов основач и управител било едно исто лице кое што во 2023 година го има сменето презимето од негови познати фамилијарни причини.“ - вели Лукаревска.
Поради даночна тајна и предистражна постапка на обвинителството Лукаревска денеска не ги соопшти имињата на компаниите кои не работеле согласно законите во државата. Единствено што откри е дека трите фирми всушност биле од кумановско - липковскиот регион.
А истражните органи ќе водат постапки и против сметководственото биро. Според информациите сметководственото биро вршело услуги само на компаниите кои компаниите кои ги посочи Управата за јавни приходи. Други клиенти немала.
Управата за јавни приходи веќе ги доставила наодите до Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција. Трите истражни институции веќе водат постапка за овој случај. Тоа што се знае е дека од компаниите ќе се бара да ги платат сите давачки кон државата кои се обиделе да ги сокријат несовесните бизнисмени, а можна е и кривична одговорност.