УЈП повторно почна да праќа решенија за данок на приходи од странство за 2021 година
Управата за јавни приходи продолжува со постапката за наплата на данокот на доход остварен во странство. Од Управата информираат дека во овој период се доставуваат известувања за подмирување на даночните обврски за приходи остварени во странски земји во текот на 2021 година.
Од УЈП појаснуваат дека станува збор за законска обврска, но нагласуваат дека граѓаните имаат можност да достават соодветни докази доколку сметаат дека се исполнети условите за ослободување од оданочување во земјава.
Од Управата дополнително појаснуваат дека при доставувањето на известувањата немаат информации за статусот на лицата на кои им се однесуваат обврските, односно дали станува збор за студенти, припадници на воени мисии во странство или лица вработени во меѓународни организации.
Постапката за ретроактивно оданочување привлече внимание во јавноста минатата година, кога голем број студенти, припадници на воени мисии во странство, како и вработени во меѓународни организации и компании, добија даночни пријави за приходи остварени во 2020 година. Кај дел од нив, утврдените даночни обврски изнесуваа и по неколку илјади евра. Поради ова, беа организирани и протести пред Управата за јавни приходи.

