УЈП: Дуќани не издаваат фискални, фирми кријат промет, компании не даваат плата на работниците
Речиси 12.000 газди оставиле без плата скоро 45 илјади вработени за февруари и март од кои само 32 илјади се во март, брифираше директорката на УЈП, Сања Лукаревска на денешниот брифинг со новинарите.
За дел работодавците поднеле обрасци за пресметка на плата која што не ја исплатиле, а за дел до УЈП воопшто не биле поднесени соодветните документи за пресметка на плата. Во февруари обрасци за пресметка на плата не доставиле 5.136 работодавци за 7.565 вработени лица, а во март 5.716 работодавци за 11.612 вработени лица.
Во лепезата на фирмите, односно газдите, кои ги оставиле своите вработени без приходи ги има речиси од сите сектори, а дел од нив се повторуваат.
Даночните инспектори во јануари и март годинава ја посетиле и популарната скопска улица „Пластичарска“. Кај дел од субјектите кои беа под лупа на даночните инспектори констатирани се неправилности, не издавале фискална сметка и не воделе евиденција на прометот, а се соочиле и со 15 дневна забрана за вршење дејност.
„Од почетокот на годината направенио се контроли на Плстичарска во два наврати. Во првата акција од страна на УЈП, на пластичарска, беа спроведени контроли, по закон за регистрирање на готовински плаќања во вкупно 30 објекти. Кај 28 контроли се констатирани неправилности согласно законот. Во втората контрола која е извршена кај 37 објекти од нив кај 25 контроли се констатирани неправилности согласно Законотот за регистрирање на готовински плаќање.“- изјави за време на брифингот со новинарите, директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Контроли имало и кај 33 златари од Тетово, Гостивар, Кичево и Битола, а кај 18 од нив имало огромни разлики во непријавениот промет кои се движеле и до речиси 3 илјади евра. Надлежноста за одземање на нелегалниот златен накит е кај пазарната инспекција, брифираа даночниците. Контроли биле направени и во клиники, поликлиники и здравствени домови.
„Спроведени беа и контроли во клиники, поликлиники и здравствени домови. Од вкупно 13 контроли по ЗРГП од нив кај 4 поликлиники се констатирани неправилности. Од 19 контроли кај Универзитетски клиники, по ЗРГП, од нив кај 4 клиники се констатирани неправилности.“- изјави за време на брифингот со новинарите, директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Инаку, УЈП вчера направила попис на стоката и кај двајца увозници на Кванташкиот пазар при што е констатирано дека една компанија немала соодветно сметководство.
Од почетокот на годината до денес се извршени 1.522 контроли и кај 702 субјекти се констатирани неправилности во однос на неиздавањето на фискални сметки и непоседување фискален апарат.