УЕФА покрена постапка против Даку
УЕФА покрена постапка против албанската фудбалска репрезентација поради немилите сцени за време и по завршување на мечот со Хрватска. Фудбалската федерација на Албанија е на тапет поради расистичките/дискриминирачките скандирања и пораки од страна на навивачите на трибините, а од УЕФА додадоа дека за непримерно однесување под истрага е и фудбалерот Мирлинд Даку.
Во наредните денови Дисциплинската комисија ќе одлучи по овие постапки. Претходно ФФ на Албанија се најде на тапет поради влегување на навивач на теренот и прекин на мечот од првото коло против Италија.
Албанскиот репрезентативец, Мирлинд Даку може скапо да го плати националистичкиот испад кој го имаше по крајот на мечот меѓу Албанија и Хрватска бидејќи УЕФА отвори истрага против него.
По крајот на мечот Даку на мегафон ги пцуеше Македонците. На неговиот испад имаше реакции од сите страни. Официјално реагираше и ФФМ која го осуди испадот на албанскиот фудбалер и побара од УЕФА да го разгледа случајот.
Скандалозниот гест на Даку го осуди дури и неговиот клуб Рубин Казан кој исто така напиша дека УЕФА е задолжена за евентуална санкција. УЕФА и официјално потврди дека отворила истрага против Даку. Албанецот може да добие суспензија и да не заигра на следните мечеви од Европското првенство.