Училиштата во Ниш гласаа за целосен прекин на работата до исполнување на барањата на учениците

Пленумот на просветните работници на Ниш донесе одлука за целосен прекин на наставата во основните и средните училишта на територијата на тој град до исполнување на барањата на учениците.
Во соопштението е наведено дека одлуката е донесена едногласно, со јавно гласање, јави Бета.

Вработените во образованието од пленумот испратија писмо до родителите и ги повикаа да ги поддржат во борбата што ја водат учениците.

„Да бидеме заедница која ќе ги смени овие накарадни рамки што ни се наметнати - не праќајте деца во училишта, бидете со нас! Само така, заедно ќе дочекаме и ќе се бориме за подобро утре“, се наведува во писмото испратено од пленумот до родителите.

На територијата на градот Ниш работат 36 училишта.