Училиштата подготвени за класична и онлајн настава, изборот на родителите и учениците
Десет проценти од вкупниот број на ученици немаат уреди за да можат да следат онлајн настава. Дел од училиштата допрва ќе почнат со набавки за да можат да обезбедат пристап до онлајн наставата и на овие деца.
Едно од тие училишта е ОУ„Аврам Писевски“ во село Бардовци, каде што директорката вели дека дел од учениците немаат пристап до Интернет, што претставува проблем за стартот на онлајн наставата.
„Сакам да кажам дека на први октомври како училиште ќе се сретнеме со уште еден предизвик а тоа е каде што имаме деца од социјално ранлива категорија и тука доколку родителите од четврто до девето одделение се определат за онлајн, имаме потешкотии во таа насока, но ќе одиме со делот на печатени материјали за да можеме да ги доставиме до родителите и комуникацијата да биде беспрекорна. Наставниците се волни да учествуваат со својлап-топ да ја спроведуваат наставата. Ќе гледаме да можеме да го покриеме делот со ученици кои ќе следат онлајн да биде што повеќе услужен.“ - вели Матилда Бајкова, директорка на О.У. „Аврам Писевски“ – с. Бардовци.
Министертката за образование вели дека се надева дека до почетокот на второто полугодие проблемот ќе се реши, а учениците ќе добијат уреди за онлајн настава. Додека се обезбедат уредите вели дека овие ученици ќе може да ја следат наставата во училиштата, а доколку родителите не сакаат нивното дете физички да присуствува во училиште, тогаш наставниците ќе ги отпечатат материјалите и ќе ги достават до ученикот.
„Најсреќна ќе бев да имавме компјутери, ги нема во моментов. И да почне набавката, сега се подготвуваме, се прават анализи итн... за да во второто полугодие обезбедиме уреди и за овие деца кои што ќе ги поседуваат училиштата и ќе ги даваат на користење, но сега во моментов со она што располагаме, даваме максимален напор да се спроведе квалитетно наставата и онлајн и со физичко присуство..“ - изјави Мила Царовска, министерка за образование и наука.
Дел од училиштата пак ќе ги отворат вратите за учениците. Настава со физичко присуство ќе има во ОУ „Лазо Трповски“ во Карпош, не само до трето одделение, туку и за погорните одделенија, бидејќи така побарале родителите. Директорката тврди дека училиштето има услови за да ги спроведат здравствените протоколи за заштита од КОВИД 19.
„Моето училиште има 470 ученици и наставата е одлучено да се одвива со физичко присуство, бидејќи тоа е барање на најголемиот дел од родителите. Задолжително до трето одделение ќе биде организирано со физичко присуство но и кај останатите одделенија од четврто до девето организираме исто настава со физичко присуство.“- изјави Еелеонора Стрезовска, директорка на О.У. Лазо Трповски, општина Карпош.
И покрај одложениот старт, учебната година е планирано да заврши на 10-ти јуни. Часовите ќе траат по 30 минути, измеѓу часовите ќе има по 5 минути пауза, а за разлика од минатата учебна година оваа година и учениците што ќе следат онлајн настава ќе бидат оценувани во училиштата. Платформата за онлајн наставата пак се уште се подготвува и наскоро ќе им биде презентирана на наставниците.
Засега планот е учебната година да започне на 1-ви октомври со комбиниран модел на настава. Министерката за образование денеска на средба со директорите на средните и основните училишта разговараше за предизвиците што ги носи образовниот процес во време на пандемија.
Царовска очекува успешен старт на новата учебна година, но порача дека наставата е динамичен процес и како ќе се постапува во текот на училишната година – дали ќе се продолжи според усвоениот план или, можеби, ќе треба некои работи да се менуваат ќе зависи и од сотојбата со корнавирусот и насоките од Комисијата за заштита од заразни болести.