Учениците со атипичен развој останаа дома, министерката ги обвинува директорите на училиштата
Наместо во училишните клупи да следат настава, децата со посебни потреби седат дома. Училишната година започна, но без образовни асистенти. Стартот на новата учебна година создава нова главоболка кај родителите на овие деца. Велат, и со образовните асистенти животот на децата е тежок, но без нив уште потежок, подготвуваат преставки и тужби бидејќи, како што тврдат, нивните деца се дискриминирани.
Реагираа и од опозициската СДСМ. Од таму велат дека ниту едно дете со попреченост сè уште не е на училиште, само затоа што министерката Весна Јаневска не ја заврши постапката за над 800 образовни асистенти и прашуваат дали поради партиски вработувања сè уште нема асистенти.
СДСМ
„МОН на чело со Јаневска го попречува остварувањето на основното правото на децата-ученици со попречност за задолжително основно образование. Јаневска треба да одговори дали овој проблем е всушност заради партиски вработувања? Дали се правени списоци по Општинските Комитети на ВМРО-ДПМНЕ за кој да се вработи и затоа се касни со целата постапка?“
Децата со попреченост имаат и ќе имаат асистенти, упорно тврди ресорната министерка и вината за доцна распишаниот оглас ја префрли на директорите на училиштата. Таа прстот го впери во нив, бидејќи, како што кажа, не го распишале на време конкурсот.
Јаневска апелираше до родителите и наставниците, децата со попреченост да не седат дома, бидејќи во секое училиште имало наставници, инклузивни тимови, психолози, педагози па и дефектолози и социолози, кои според Јаневска требало да се подготвени да ги примаат децата на настава, додека бидат решени административните работи со образовните асистенти.