Ученичките клупи и денеска се празни, втора недела штрајк во училиштата и градинките

Наместо ученици, во училишните клупи денеска седеа само наставници - генералниот штрајк на СОНК влезе во втора недела. Прекин во образовниот процес во основните, средните училишта, но и збиено згрижувањето на деца во градинките.

Понуденото зголемување на платите од 10% од страна на Владата- за СОНК е неприфатливо. Дел од вработените велат- притисоците континуирано растат, но нема да се откажат. Бараат плати за достоинствен живот.

Премиерот Ковачевски пак, неприфаќањето на прелогот од страна на синдикатот за зголемување на платите за 10% го оцени како уцена со која се нандесува ненадоместлива штета во образованието.

- И покрај се,, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата. - изјави премиерот Димитар Ковачевски.

И министерката за труд и социјална политика Јована Тренчовска, смета дека Владата понудила добар процент за зголемување на платите, а синдикатот требало да ја прифати.

Генералниот штрајк на СОНК започна минатата недела, со барање да се зголемат платите на вработените во образовниот процес за 18,4% односно да се усогласат со минималната плата. Имаа неколку средби со Владата, но се уште не се најде компромис меѓу двете страни за да престане штрајкот. Социјалниот дијалог продолжува, а синдикатот чека да бидат повикани на повторна средба.