Убиство во Кавадарци - тепачка заврши фатално за 43 годишен маж
Се расправале за долг, па тројца до смрт го претепале 43 годишниот кавадарчанец Панче Толов. Утрото нешто пред 5 часот, на заднот влез од казино во новиот центар на Кавадарци, по неколку удари, Панче паднал на земја и се онесвестил. Бидејќи не реагирал, некој викнал брза помош. Лекарите брзо пристигнале, но на Панче му немало спас. Констатирале смрт.
- Станува збор за смртоносни повреди на глава. Наша екипа доби повик и веднаш беше на лице место, но, констатира дека лицето беше починато, без знаци на живот.
Полицијата пристигнала веднаш, а за кратко време уапси тројца кавадарчани на 26, 27 и 35 – годишна возраст, осомничени дека до смрт го претепале Толов. На местото на злосторството излегол и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци. Дадена е наредба да се обезбедат снимките од надзорните камери, кои треба да дадат појасна слика за тоа што се случило.
- Во 04:56 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на заден влез од казино на ул.„Никола Минчев“ во Кавадарци, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и на кое му била потребна помош. Полициски службеници од ОВР Кавадарци излегле на местото и констатирале дека се работи за лицето П.Т.(43) од Кавадарци, кај кое и покрај укажаната помош, екипа од Итна медицинска помош во 05:15 часот констатирала смрт. Набргу потоа, а поради сомнение за инволвираност во настанот, од слобода биле лишени Д.Б.(26), М.Ѓ.(35) и Д.С.(27), сите од Кавадарци. Тие биле приведени и задржани во полициска станица.
Кавадарчани раскажуваат дека можен мотив за расправијата и убиството се лихварство и коцкарски долгови.
Ова е второ убиство во Кавадарци во период од еден месец. На 27 јули, брат уби брат и го закопа во шупа.

