Уапсен еден од убијците на припадникот на АРМ во Батинци - испукани биле пет куршуми

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители на 11 јули го убија припадникот на АРМ Агим Муареми (50) во Батинци. Осомничени се за кривично дело Убиство, согласно член 123 став 2 точка 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

„На 11 јули во селото Батинци, осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го лишиле од живот сега починатиот Агим Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка. На наведеното место пристигнале со автомобил ‘опел астра’ со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две засега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот ‘киа соренто’ во кој биле оштетените. Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата керќа, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство. Жртвата успеала да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, на што тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле таткото во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди“, соопшти Обвинителството.