ТВ24 истражува: Градби во национални паркови, загадени води, урбана џунгла

Ем празно, ем уништено е најблагиот опис како денес изгледа Мавровското езеро. Страда природата, а со неа и граѓаните. А таа? Природата? Природата си го зема данокот на човечката свесна неодговорност. И не е само Маврово. Природата се уништува катадневно и насекаде. 

И кога сте немоќни сами да се справите со неодговорноста, тогаш едниствен спас гледате во инспекциските служби. А тие? Тие се насекаде, ама како да не се никаде. Многу надзор малку фајде од нивната работата. Старите во пензија младите или не се вработуваат или не се обучени. 

Така во Извештајот за работа на Државен инспекторат за животна средина за неговата работа во 2020 година пишува дека во периодот јануари-јуни инспекциски надзор вршеле 19 инспектори. Од нив само двајца се главни инспектори, двајца виши и еден помлад инспектор. Другите 14 се советници инспектори. Вработувања во овој период од годината немало. 

Но и вака екипирани инспекторите, барем според извештаите за работа  прикажуваат завиден број извршени контроли. Она што е индикативно е што расте бројот на вонредни инспекциски надзори кои најчесто се вршат по претходна пријава.

Според Извештајот за работа на Државниот инспекторат за земјоделство за работата во 2020 година, меѓу другото пишува дека само во вторите шест месеци од годината, наместо 16.545  вонредни инспекциски надзори колку што биле планирани, инспекторите извршиле 22.124 вонредни инспекциски надзори што е за 34 отсто повеќе од планираното. Заедно со редовните и контролните надзори забележани се 23.369 надзори. Наспроти ова биле констатирани 221 неправилност. 

Грашкоска вели дека невидливоста на изречените мерки наспроти извршениот наздзор е поради воведувањето на опомената како мерка затоа што најголем дел од неправилностите се ситни и од административна природа. Затоа, вели таа беше изменет и Законот за инспекциски надзор чија цел е да делува превентивно а не репресивно. 

СО ОВОЈ ПРИЛОГ, ТВ24 СЕ ПРИКЛУЧУВА КОН КАМПАЊАТА „РАЗБИСТРИ СЕ“, ШТО ЈА СПРОВЕДУВА ИНСТИТУТОТ ЗА КОМУНИКАЦИСКИ СТУДИИ И Е ФИНАНСИРАНА ОД БРИТАНСКАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ. ЦЕЛОСНОТО ИСТРАЖУВАЊЕ ЌЕ БИДЕ ЕМИТУВАНО ВО СТУДИО 10 КАКО И НА ВЕБ СТРАНИЦАТА НА ТВ 24.