ТВ 24 во рехабилитациониот центар на Пониква: Пациентите тврдат нема доволно креми и лепенки
Пониква за десетина степени пониска температура од урбаните средини, длабоки сенки, свеж воздух - идеални услови за рехабилитација на пациенти со изгореници и белодробни нарушувања.
Повредените се сместени во одморалиштето на МВР. Тука веќе осми ден престојува првата група на пациенти каде стручен лекарски тим се грижи за повредените. Рехабилитација, ресоцијализација, но и психолошката поддршка е секојдневието на повредените
Како се одвива лекарската грижа и колку се задоволни пациентите од условите - со скриен идентитет за ТВ 24 ни раскажа еден од повредените од дискотеката Пулс каде се здобил со потешки изгоренции на рацете и дел од грбот.
Изјавата ја даде пред одморалиштето. Снимањето внатре во објектот како што ни образложија од раководството на болницата - поради сензитивноста на целиот случај не е дозволено.
Откако ми завршија повеќе фази на лекување во Бугарија и Македонија, рехабилитација на Пониква ме враќа во живот - раскажува пациентот.
Поголем дел од денот над десетина часа го поминува во масажи и вежби. Задоволен е од лекарскиот персонал, но помошта од државата вели затајува. Потребните лекови, креми и лепенки се кусок. Апелира надлежните да набават доволно терапија
Од кочанската болница велат дека проблемот со недостиг на лекови веќе е надминат, а опоравувањето оди во посакуваниот правец. Никола Костанидов доктор по физикална медицина од првиот ден по кобната ноќ е со повредените. Очекува сите пациенти перидот на рехабилитација да го поминат во одморалиштето на МВР.
Но, лекувањето на пациентите нема да заврши на Пониква. Процесот до нивно целосно закрепнување ќе продолжи.
Директорката на кочанската болница Катерина Паниќ, вели дека веќе е набавена нова апаратура за лекување на пациентите, а тимови на пулмолози и пластични хирурзи ќе бидат постојано достапни за нив
На Пониква периодот на рехабилитација ќе треба да го поминат над 70 пациенти. Дел од нив заминуваат - други допрва ќе треба да започнат со физикалната терапија и вежбите.
Но, сите со една мисла- да застанат на здрави нози со надеж за подобро утре и позитивни мисли далеку од кобната ноќ во дискотеката на смртта која ја зави Македонија во црно.