ТВ 24 неофицијално дознава: На новиот македонски премиер Димитар Ковачевски прв гостин ќе му биде неговиот бугарски колега Кирил Петков
Прва официјална посета од странски државник која ќе ја прими новиот македонски премиер Димитар Ковачевски се планира да биде од неговиот бугарски колега Кирил Петков, дознава Телевизија 24 од неофицијални владини извори.
Точниот датум на посетата не е определен, но секако таа би се остварила после 15 Јануари кога Ковачевски би ја превземал функцијата. После министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска и претседателот Стево Пендаровски порачува дека новата иницијатива за соработка од Софија е добра, но понудената рамка за евентуално решение за спорот од 6 месеци е предолга.
После вчерашните заклучоци од министерсткиот состанок во Брисел, каде земјава не доби временска рамка кога би ги почнала преговорите со унијата, туку се употребува формулацијата во „најбрзо можно време“, опозицијата во парламентот вели дека не е само спорот со Бугарија проблем за земјава.
За власта пак, земјава апсолутно заслужила да ги почне преговорите со ЕУ.
Претходно представниците на македонската влада кажаа дека во Декември речиси да нема можност за напредок во спорот со Бугарија, но како можност постојат Јануари, Фебруари или март. Сепак новата позицијата на бугарскиот премиер Кирил Петков од шест месеци за решение ги надминува претходните очекувања на владата.