Тв 24 и новинарот Огнен Јанески добија признание и плакета за одбележување на годината во чест на Блаже Конески

Телевизија 24 и новинарот Огнен Јанески добија признание и плакета за заслужни поединци и институции по повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 20 години од формирањето на Фондацијата „Небрегово“, во рамки на свечениот настан, насловен како „Блаже Конески – минато, сегашност, иднина“, кој се одржа денеска во Спомен-домот на Конески, во родното село Небрегово, Прилепско, а во рамки на Националната агенда на Владата за одбележување на 100-годишната, која влезе и на листата на значајни манифестации на УНЕСКО за 2021 година.

На централниот настан за оваа Агенда, пред присутните се обратија секретарот на Фондацијата „Небрегово“, професор Атанас Конески, професорот во пензија од Филолошкиот факултет при УКИМ, Живко Цветковски и националниот координатор за развој на културата при Владата, Роберт Алаѓозовски, како и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Беше истакнато дека ликот и делот на Блаже Конески го втемелуваат како наддржавен авторитет, при што неговата работа е тестамент за идните генерации. Неговите научни студии, неговите лингвистички посветености и истражувања се непроценливи за македонските јазик и литература и токму дел од неговите дела доживеаја реиздавање на книги, меѓу кои и „По повод најновиот напаш на нашиот јазик“ издадена во 1948 година, а чија содржина се чини како да е пишувана за денешницата и токму таа е дел од сите чинители кои сакаат да пристапат кон анализа и соочување со проблемот кој Македонија го има со соседна Бугарија, а по однос на јазикот.

Дополнително, Фондацијата „Небрегово“ има издадено и реиздадено над 20 книги во различни едиции, на над 2.000 страници, со што ја става на пиедестал нејзината посветеност во афирмирањето на работата на Блаже Конески, но и воопшто на македонските јазик и литература. На настанот беа промовирани четири книги – „Конески инспирира и мотивира“, „Граматичарот Конески“, „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ и „По повод најновиот напад на нашиот јазик“.

Меѓу присутните на настанот, беа и архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, митрополитот преспанско-пелагонски, г. Петар, академик Катица Ќулавкова како претставничка на МАНУ, истакнати филолози, лингвисти, аналитичари и истражувачи, претставници на академската фела, градоначалници и кандидати за градоначалници на околните општини, директори на средни и основни училишта ширум државата, медиуми, доајени во македонското новинарство, како и лица од Прилепско, кои го посветиле својот работен живот во Спомен-домот.

Меѓу добитниците на признанија и плакети беа и сегашниот и поранешниот Претседател на државата, Стево Пендаровски и Бранко Црвенковски, но и највисокиот државен врв, државните универзитети, државни институции, Охридската архиепископија, општини, училишта и истакнати новинари и медиуми.