Тв 24 дознава: Вработените во македонски пошти најавуваат штрајк поради неисплатена плата
Foto

Тв 24 дознава: Вработените во македонски пошти најавуваат штрајк поради неисплатена плата

Врие во Македонски пошти, поради доцнење на Септемвриската плата дел од вработените во изминатите денови одбиле да излезат на терен, дознава ТВ24 од извори од претпријатието.

Вработените се револтирани бидејќи платата им доцни речиси половина месец и не добивале образложение зошто е доцнењето. Од поштенскиот синдикат ги потврдуваат информациите дека постои незадоволство поради доцнењето на платата и велат дека со мирен предупредувачки протест вработените во Македонски пошти, утре за време на паузата во сите поштенски објекти во земјава, ќе го искажат своето незадоволство од лошите услови во кои работат и загриженоста поради платите кои сеуште не ги земале за овој месец. 

Од Синдикатот велат дека после утрешниот протест ќе имаат средба со менаџерскиот тим и генералниот директор на Македонски пошти каде ќе ги претстават долгогодишните проблеми со кои се соочуваат, а по средбата ќе одлучат кои ќе бидат нивните следни чекори и дали ќе продолжат со протестите.

Првиот човек на Пошта, Јани Макрадули денеска не одговори на нашите повици за состојбата и условите на вработените во ова друштво и како ќе постапи по нивните барања.

Некогашната златна кокошка со години трпи финансиски загуби. Пропаѓањето на Еуростандард банка, која ја користеше државната компанија за платен промет како и ковид кризата дополнително предизвикаа огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот сообраќај.

Владата уште минатата година најави приватизација или преземање на Македонски пошти со јавно приватно партнерство, но се чини дека и по една година сеуште се размислува за судбината на ова друштво.

0 Коментари

Остави коментари