ТВ 24 ДОЗНАВА: РЕВИЗОРИТЕ СИ ЗАМИНАЛЕ СО ПРАЗНИ РАЦЕ ОД СЈО
Foto

ТВ 24 ДОЗНАВА: РЕВИЗОРИТЕ СИ ЗАМИНАЛЕ СО ПРАЗНИ РАЦЕ ОД СЈО

Државните ревизори влегле во Специјалното јавното обвинителство, но без успех. Контрола не била направена, зашто немало кој да дозволи да им се даде на увид целата документација. Како се делеле парите во СЈО засега ќе остане тајна и за ревизорите и за јавноста, зашто институцијата е обезглавена откако екс шефицата, Катица Јанева седна како обвинета во судница, а нејзините заменички Ленче Ристовска и Елизабета Јосифовска не се повеќе специјални, туку јавни обвинителки и немаат мандат во СЈО.

Според нашите извори, ревизорите испиле кафе во СЈО и си заминале со празни раце.

Телевизија 24 побара официјален став од Државниот завод за ревизија, кој исто како и СЈО е обезглавен и нема директор. Но не добивме детали. Не дадоа одговор ниту на прашањето дали ревизорите ќе побараат асистенција од полицијата, за да направат уште еден обид и добијат пристап до службените простории на СЈО, на целата документација и на компјутерите.

„Ставот на ДЗР околу вршењето ревизија на субјектот за кој прашувате, во овој момент кога ревизијата е во тек, е дека согласно ревизорските стандарди и методологијата за вршење ревизија не смееме да излегуваме со информации додека ревизијата не заврши.“

За овој несупешен влез на ревизорите во СЈО не бил запознаен државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, а нема потврда дека за тоа знаела и министерката за правда, Рената Десковска.

Претходно ревизорите кажаат дека контролата во СЈО, веќе била планирана како дел од тематската ревизија за годинава, да бидат проверени сите обвинителства, судови и правосудството. Но дополнително до ревизорите биле испратени неколку анонимни писма од обвинители и вработени од СЈО во кои се жалеле на начинот на кој се делеле предметите, но и надоместоците кои ги добивале обвинителите. Афетата кеш и делењето на илјадниците евра во СЈО дополнително ја става под знак прашање работата на ревизорите кои остануваат со врзани раце, наместо да го контролираат трошењето на јавните пари. Годинава во СЈО имаа за трошење 3,7 милиони евра, а исто толку пари се предвидени и за следната година. Мандатот на институцијата специјалното обвинителство завршува на 15 септември 2020 година иако таму сега нема ниту еден предмет, ниту обвинител. Околу 90 вработени се уште одат во СЈО, но велат дека од денеска се без телефони и интернет, зашто сметките не им се платени три месеци.

0 Коментари

Остави коментари