ТВ 24 дознава: Државата ќе направи експропријација на земјиштето и ќе му плати отштета на „Анго“
Утре ќе се реализира средбата во Собранието за спорната градба, катната гаража која се наоѓа кај Собранието, Домот на Армијата и Управниот суд.
Според неофицијални информации на ТВ 24, на утрешната средба ќе присуствуваат претставници од Владата, министерството за внатрешни работи и транспорт, државниот правобранител, претставници од Општина Центар и од компанијата „Анго“.
Утре истекува рокот за изградба на катната гаража на земјиште кое е откупено од државата пред повеќе од десет години-од компанијата се уште не излегуваат со став во јавност.
Минатата недела, премиерот Христијан Мицкоски, официјално најави дека ќе се прецизира што понатаму со спорната градба, изјави дека македонското Собрание е небезбедно со изградба на ваков објект, но истовремено треба да се води сметка и компанијата инвеститор да не биде во загуба, затоа што некој претходно се однесувал незрело. Затоа на утрешниот состанок, ќе се бара начин за да нема оштетена страна, но се уште е непознато дали државата ќе го откупи земјиштето или ќе биде експропирано.
Општина Центар веќе се изјасни дека во оваа фаза тие не можат ништо да направат, откако општината во 2021 година го изгубила спорот, очекуваат најавеното изнаоѓање решение од Владата и надлежните министерства да оди во правец кој нема да биде на штета на граѓаните на Општина Центар, на институцијата и на општинскиот буџет.
Претходно, Тв 24 имаше увид во документи во кои од МВР и од одбрана, потпишани од Јанкулоска и Јолевски, се тврди дека градбата не претставува ризик. Дописот тогаш бил испратен до Собранието, по барање на тогашниот генерален секретар Жарко Денковски.