ТВ 24 дојде до компромисните амандмани кои поминаа на „АФЕТ“: Темелна истрага за Кочани, отворање на досиејата од Удба и Кос, зависност од Унгарија...
Темелна истрага за Кочани, партиски откази и назначувања на позиции, странско мешање, проект српски свет, отворање на досиеата на Удба и Кос, уставни измени. Ова стои во документот со усвоените компромисни амандмани на ниво на Комитетот за надворешна политика ( АФЕТ ) во Европарламентот, до кој дојде ТВ24.
Додека се чека дали на почетокот од месецот, европратениците ќе дадат зелено светло за „модерен“ макеоднски јазик и идентитет, во Извештајот на Вајц стојат критики, барања и пресликани елементи од Протоколот со Бугарија. Европаралментарците уште на почетокот од текстот изразуваат тага за жртвите од Кочани, ја поздравуваат солидарноста од соседните земји - особено на Грција и Бугарија за помошта и бараат темелна истрага и одговорност.
Компромисен амандман 5; параграф 26 в (ново) - Повикува на темелна и транспарентна истрага за пожарот во ноќниот клуб Кочани на 16 март 2025 година, за да се изведат пред лицето на правдата одговорните лица, а исто така и да се ажурира и темелно да се спроведе законодавството за да се спречат слични трагедии и да се обезбеди подобра јавна безбедност и усогласеност со прописите за заштита на граѓаните.
Се бара системска одговорност на јавните институции, нотирани се влошени резултати во борбата против корупцијата вклучително и високата корупција и ниска доверба во судството. Во компромисниот амандман 5 стои дека треба да се спречи прекумерно влијание и заплашување.
Компромисен амандман 2 ; параграф 12 - Ги повикува властите на Северна Македонија да се воздржат од непроѕирни, политизирани отпуштања и назначувања на позиции во независни тела и агенции, како и да обезбедат дека институциите на организацијата се соодветно финансирани и дека одлуките и препораките се спроведуваат доследно; со жалење го забележува континуираниот недостаток на напредок во зајакнувањето на Канцеларијата на Народниот правобранител;
Во документот пишува дека Европарламентот е длабоко загрижен за странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција и нетранспарентни финансиски текови. Потенциран е заемот од Орбан за кој велат дека очигледно е набавен од Кина.
Компромисен амандман 5 параграф 28а - Вознемирени од улогата на Унгарија и Србија во унапредувањето на геополитичките цели на Кина и Русија; во овој контекст, го забележуваме ризикот од зависност од Кина поради асиметричните договори за заем, како и неодамнешниот заем од Унгарија, кој очигледно е набавен од Кина;
Стои дека одредени кинески дипломатски субјекти финансирале содржини во медиуми, а руските државни актери користеле српски медиумски посредници за да шират непријателски наративи кон НАТО и да тврдат дека ЕУ врши притисок врз Македонија да се откаже од својот идентитет.
Европарламентот е загрижен поради тн проект- српски свет. А се бара и отворање на архивите на УДБА и КОС, нешто што веќе стои во Протоколот со Бугарија .
Компромисен амандман 8 параграф 35 а и б - Изразува загриженост од таканаречениот проект „српски свет“ и дека [некои] претставници на владата на Северна Македонија се залагаат за [и] го промовираат овој концепт; го осудуваме [учеството] на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот;
-Потсетува на потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС), кои се чуваат и во Северна Македонија и во Србија; ја нагласува потребата од отворање на овие архиви низ целиот регион за транспарентно справување со тоталитарното минато со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западен Балкан;
Според документот кој го помина зеленото светло на АФЕТ, Македонија останува цел на операции со странско злонамерно влијание за претворање во оружје на анти ЕУ расположението, особено преку српски таблоиди и медиуми кои се под капа на Кремељ. Се укажува на тоа дека протерувањето на 13 руски дипломати меѓу 2018та до 2023та е показател на континуирано присуство на тајни мрежи на влијание.
Пишува дека 50отсто од Македонците биле под влијание на лажни наративи за меѓународните настани, особено за војната во Украина. Повторно се потенцира политичката поларизација во државата, загриженоста за поминувањето закони со скратени постапки во Собрание, се бара неполитизирана јавна администрација, транспарентност во финансирањето на политичките партии и има загриженост за владиното рекламирање.
Веќе е познато дека во компромисните амандмани стојат и уставните измени, повикуваајки се на преговарачката рамка на земјата со ЕУ. Уште на стартот на документот е потенциран македонскиот јазик и идентитет, но дали пред него ќе стои модерен- ќе се одлучи на пленарната седница во јули.