Тутунопроизводителите од истокот се соочија со барање да ги вратат минатогодишните пари од субвенции

Зошто државата бара поврат на субвенциите за тутунот за реколтата 2024, итен одговор на ова прашање бара Националната земјоделска мрежа, откако на голем број тутунопроизводители им пристигнале писмени известувања од страна на Платежната агенција со кои се бара да ги вратат парите добиени за предадениот тутун од реколтата 2024. 

НАЦИОНАЛНА ЗЕМЈОДЕЛСКА МРЕЖА

- Ова создава непријатна состојба и несигурност кај производителите во период кога средствата се веќе вложени во новото производство. Во отсуство на подетални официјални информации, Националната земјоделска мрежа јавно ги повикува надлежните институции да дадат прецизен и јавен одговор по кој основ се бара повратот на овие средства. 

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој пак посочуваат дека по направените контроли на терен биле констатирани неправилности кај дури 91 тутунопроизводител. 

АФПЗРР

- Според законот за земјоделство и рурален развој, изготвени се решенија за поврат на средства во вкупен износ од 20 962 193 денари. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, изврши дополнителна проверка при што утврди дека кај дел од тутунопроизводителите констатирана е разлика поголема од 30%, помеѓу пријавените капацитети и капаците кои се утврдени со контролите. 

За тоа, зошто се исплатени субвенции за кои сега се бара поврат на средствата, од Агенцијата нагласуваат дека одговорноста е кај самите земјоделци, кои според Агенцијата, не реално ги пополнуваат апликациите и си ја доведуваат во прашање државната помош. Лудило и парадокс, пак коментираат производителите на тутун со кои разговараше 24 и велат тутунопроизводството не смее да биде жртва на административен хаос и политички експерименти.

Инаку, според нашите информации, кај некои тутунари се бара поврат на исплатени субвенции и до 6 илјади евра.