Тутунарите разочарани од ниската откупна цена, бараат 600 денари за килограм тутун
Тутунопроизводителите и понатаму тактизираат и не го предаваат својот род. Преку тивок бојкот чекаат повисока цена од сегашната, која изнесува 375 ден, а која според нив е прениска од онаа што ја бараат, односно просечна цена од 600 денари за килограм.
Дополнително разочарувачки, според претседателот на Националната земјоделска мрежа е тоа што годинава родот е со многу добар квалитет, но и покрај тоа истиот засега не достигнува повисока цена од минатогодишната.
Последните информации пак од ресорното министерство говорат дека пред завршување на законскиот рок за откуп на тутунот, односно 15 декември откупени се 10% со просечна цена од 375 денари за килограм и истиот е исплатен на околу 45 отсто од земјоделците.
Инаку, последните 10 години производството на тутун е намалено за повеќе од половина од 32 милиони килограми, па сега во државата се произведува само 15 милиони килограми. Тутунарите се децидни и велат, ако продолжи ваквиот однос кон тутунопроизводителите и откуп по нереално ниски цени, освен без зеленчук и овошје, ќе останеме и без тутун.