Туше Гошев за ТВ 24: Царот си носи закони кои не важат за него, така и власта
Менувањето на законите на начин како што се направи со Кривичниот законик немаат цел за подобрување на законодавството, туку за задоволување на индивидуални интереси.
Ова го констатира поранешниот министер за правда, Туше Гошев, која за ТВ 24 вели дека измените без јавна расправа само за да се усогласат со европското законодавство, се тотално непотребни. Поднесутелите на измените на јавноста не и дадоа никакви образложенија која е целата што треба да се постигне со измените во Кривичниот законик.
„Секоја гарнитура на власт која во парламентот има мнозинство и може да донесува закони, практично се претвори во времето кога царот носел закони, но за него не важеле тие одредби. Во конкретниот случај, заради потребите, а не знам кои се потребите, дали за задоволување на специјалната превенција или генералната превенција во намалувањето на казните сметам дека на ваков начин измените на законите се инструмент само за остварување на дадени интереси.“ - вели Туше Гошев поранешен министер за правда.
Од владата добивме потврда дека актуелниот министер за правда Кренер Лога бил против измените на Кривичниот законик. Според информациите Лога не бил убеден дека тоа се вистинските решенија и затоа не се потпишал како предлагач на измените. Претседателот на Алијансата на Албанците Арбен Таравари за Гласот на Америка вели дека осумте пратеници на неговата партија не гласаа за измените на КЗ.
„Министерот за правда кој е од редовите на АА, да прави една анализа и пред органите на партијата да ни каже дали овие измени се во согласност со европските закони или се надвор од тоа. Ја имам информацијата дека министерот Лога не прифатил да го потпише и дека потписик или предлагач на законот е заменичката на министерот.“ - изјави Таравари.
За измените на Кривичниот законик најголемиот дел од правните експерти излегоа со став дека со нив ќе се амнестираат досегашните осуденици кои извршиле сериозен криминал, а мал дел од правниците застанаа во одбрана на измените со образложение дека довчерашните казни биле како во 19 век. Антикорупционерите изразија загриженост дека преку новите правилча во казнената политика се зголемува ризикот од коруптивни зделки на актуелни функционери.
Инаку со измените на Кривичниот законик застаруваат можеби најзвучните случаи од времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Драстично ќе им се намалат казните на екс премиерот Никола Груевски, поранешниот шеф на Агенцијата за разузнавање Сашо Мијалков како и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески за кого имаше најмногу судски случаи. Од случаите, со сигурност ќе застарат „Титаник“, „Таргет-Тврдина“, „ТНТ“, „Титаник 2“, „Трезор“, „Талир“, „Шпански скали“ и „Траекторија“. А корист ќе имаат и поранешните генерални сектераи од времето на владата на СДСМ Драги Рашковски и Мухамед Зекири.