Туристичките работници со позитивни очекувања за „Мал шенген"
Слободно движење на странските гости, повеќе туристи, поголема конкурентност на пазарот и здрав туризам очекуваат туристичките работници од поврзувањето „мал шенген” кое пред помалку од десетина дена лидерите од Западен балкан го промовираа во Охрид.
Филип Стефаноски туристички работник од Охрид кој со години работи исклучиво со туристи од Индонезија, Русија и Кина очекува најголем број придобивки во делот на визниот режим.
„Јас мислам дека ова може да предизвика револуција во туризмот. Србија е една од државите која има одличен визен режим за кинеските гости, руските гости индонезиските.Тоа се потенцијални милјарда и петсто милиони гости кои после иницијативата ќе можат слободно да се движат во Македонија и Албанија. За туристичкиот сектор ова е одлична иницијатива и ако бизнис секторот во туризмот ја искористи оваа можност и направи нови пакети за тие држави може да има одличен импакт во економијата.“ - вели Филип Стефаноски, туристички работник.
Неговите прогнози се дека поврзувањето ќе успее, а тоа го очекуваат и странските агенти.
„Ова поврзување во секој случај е добро. Од страна на туристичките работници е проект кој ќе допринесе за здрава конкуренција, за покачување на квалитетот во туризмот и поголем број туристи ќе можат слободно да се движат во овие држави.Нашите агенти од Кина, Индонезија и Русија се задоволни од оваа иницијатива и очекуваат што побрзо да се реализира.“ - додава Стефаноски.
Инаку иницијативата „мал шенген“ во македонската експертска јавност предизвика различни видувања. Дел од бизнисмените го делат ставот со туристичкиот сектор и се на мислење дека тоа ќе донесе позитивен бенефит за бизнис секторот. Но за некои економски експерти, пак, ова е уште една од многуте иницијативи за унапредување на соработката во регионот кои што не даваат позначајни резултати.
Првичните намери на ова поврзување се слободен проток на луѓе, стоки и капитал, заеднички царински и фитосанитарни контроли, односно отстранување на сите бариери и препреки меѓу Македонија, Србија и Албанија.