Туристичките работници не отстапуваат од ултиматумот за превозот и платите
Foto

Туристичките работници не отстапуваат од ултиматумот за превозот и платите

„Ослободување на превозот од досегашниот протокол од 50% на 100% капацитет и субвеционирање на плати е ултиматумот кој викендов го поставија туристичките агенции до 15-ти август.

Бараме под ИТНО, Владата и Комисијата за заразни болести да го променат овој протокол за автобусите, бидејќи во ниту една земја во светот не постои ваква одлука. Дали авион со 150 патници е побезбеден од автобус со 50 во кој се почитуваат сите здравствени протоколи? прашуваат тие. Додека се донесува одлука за враќање на децата во училишта, имаат време и да го разгледаат овој проблем.

Доколку не добиеме субвенции за плати, приморани сме да ставиме клуч на врата, а со тоа пропаѓаат сите можности за обештетување на стотици илјади граѓани кои уплаќале за своите патувања. Никој не сака да живее на товар од државата, но таа мора да застане на страната на секторите кои паднаа колена со појавувањето на корона кризата.

Зошто никој ниту еднаш не излезе со конкретен одговор досега за кое било од нашите барања? Зошто државата се крие зад изговорот дека се чека Влада да се оформи, а во меѓувреме донесуваат други „важни“ одлуки? Зарем ние не сме важни? Кому му одговара да потоне туризмот и зошто свесно се избегнуваат нашите апели? Ова се прашањата на кои туристичките работници веќе со месеци бараат одговор.

Додека државите се обидуваат да им помогнат на сите дејности, особено туризмот, нашата дополнително ја оневозможува и отежнува ситуацијата. Покрај здравјето, треба да се мисли и на економската ситуација, бидејќи доколку нема финансии за преживување, улицата е неизбежна. Дали некој од министрите за економија, финансии, здравство и надворешни работи воопшто имаат совест? Додека сите тие заминаа на годишен одмор и покрај препораките да не се патува, ние не знаеме како да ги подмириме трошоците.

Ако оваа недела не се донесат овие одлуки остануваме на тоа дека ќе организираме масовни протести и комплетно ќе ги блокираме сите патишта и улици, се додека некој не се сети дека постоиме“ порачуваат туристичките работници.

0 Коментари

Остави коментари