Тунџев: Катастарските услуги поскапени во просек за 25 до 30 проценти и се на реално ниво

Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности  (АКН) во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници.

Причина за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, како и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катастарските ИКТ системи, информираше денеска на прес-конференција директорот на АКН, Борис Тунџев.

Тој ги отфрли како неточни тврдењата на претседателот на Комората на трговските друштва за геодетски работи Никола Рибаровски за „енормен раст на цените на катастарските услуги“ и посочи дека има зголемување за одредени производи, за одредени намалувања, а дел се останати на исто ниво. Воведен е нов оптимизиран модел со помал број ставки.