Труење со храна во фабрика во ТИРЗ-зоната во Штип
Шестмина работници во штипска фабрика, лоцирана во индустриската зона пријавиле труење со храна. Неофицијално, станува збор за повеќе лица со истите симптоми, но според официјалните шест пријави поднесени на осми јули во Одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје, првично четири лица биле хоспитализирани на инфективното одделение во штипската болница, а двајца од нив се јавиле на матичен лекар.
Денес сите шестмина се на домашно лекување. Од Центарот за јавно здравје велат дека будно ја следат состојбата на затруените.
ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ – ШТИП
„Стручни лица од Центарот излегоа на увид во објектот на операторот со храна каде бил извршен разговор со одговорните лица, биле дадени препораки и мерки, наложено било генерално механичко чистење на просториите и биле направени и санитарни прегледи на вработените и земени се мостри за микробиолошка анализа и брисеви од работните површини и во фирмата каде се консумира храната и кај операторот снабдувач со храна.“
Оттаму додаваат и дека до добивањето на сите резултати ќе се следи состојбата на веќе заболените лица и начинот на извршување на мерките и препораките, а според законската регулатива ќе се преземат и дополнителни мерки доколку има нови случаи. До овој момент, пак Агенцијата за храна и ветеринарство официјално ги нема добиено резултатите од лабораториските тестирања од земените брисеви и мостри храна. Оттаму за 24 објаснуваат дека во средата, по добиените пријави дека шест вработени се јавиле на лекување со стомачни тегоби по консумирање на оброк во компанијата, инспектор за храна од АХВ во соработка со повеќе надлежни институции, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната каде се послужувала храна.
Агенција за храна и ветеринарство
- Земени се брисеви и мостри за лабораториско тестирање за утврдување на евентуалниот причинител на можно труење со храна. Со надзорот констатирани се отстапувања во хигиената од помал обем, за што на операторот и на одговорното лице му е изречена парична казна, а кујната е времено затворена до отстранување на утврдените недоследности.
Според неофицијални информации на телевизија 24, истиот ден имало внес на храна и од друго место, што дополнително ја усложнува епидемиолошката анкета и откривањето на причинителот. Инаку, станува збор за вработени во една од првите фирми во ТИРЗ зоната, а операторот е лоциран во кругот на поранешниот комбинат „Македонка“ во Штип.

