Тротинетите и натаму „летаат“ по улиците
Законот за управување со електричните тротинети стапи на сила, но граѓаните засега не гледаат големи разлики за тоа кој ги вози и на кои места се движат тротинетите.
По најавата за нови правила за управување со елктрични тротинети и најавата за високи казни за прекршување на правилата, дел од граѓаните велат дека некои ги почитуваат правилата, но дел не почитуваат. Засега од МВР велат дека е рано за статистики и податоци за тоа добил санкција, казна или одземање на тротинетот поради непочитување на законските одредби.
„Многу брзо возат, носат и мали деца. Мислам дека не ги почитуваат новите правила.“
„Не се почитуваат правилата од никој.“
Според правилата, дозвола за возење електричен тротинет имаат лица над 18 години. Доколку малолетно лице управува со тротинет, на лице место ќе биде повикан негов родител а потоа следи процедурата. Се забранува возење на две лица на тротинет. Што се однесува за паричните казни-достигнуваат до околу 300 евра, во зависност од видот на прекршокот. Возење со брзина до 20 км/ч и возење само за лица над 18 години. Се предлага и привремено одземање на електричниот тротинет во траење од 30 дена.
Денеска полициски службеници предупредија дел од лицата кои беа затекнати и управуваа со електричен тротинет.
Министерството за внатрешни работи апелираше со цел поголема безбедност во сообраќајот.
Гоце Андреевски-портпарол во МВР
„Сообраќајната култура треба да се стекне уште од најмала возраст, а за тоа најголемо влијание имаат родителите, но и целокупниот воспитно-образовен процес. Апелириме до сите учесници во сообраќајот, како и до возачите на лесни електрични возила, како една од најранливите категории на учесници во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.“
Надлежните институции посочуваат дека новите правила имаат за цел да ги намалат сообраќајните незгоди и да воспостават појасна регулатива за користење на електричните превозни средства.

