Трошењето на унгарскиот кредит во Штип отвори серија дилеми, проблемите и проектите под лупата на јавноста

Дино парк изграден со јавни пари, но без да биде ветен на граѓаните и отворен ден пред локалните избори. Неколку месеци подоцна, општината решава да го даде под наем на приватник. Штипската опозиција контра градоначалникот Јорданов. Проектот е искористен за политички поени, вели Ангеле Михајловски од Левица. 

Михајловски оди чекор подалеку. Се сомнева дека уште од почетокот постоел договор, општината да инвестира, а приватен бизнисмен да го преземе објектот за ниска кирија.

Градоначалникот Иван Јорданов ги отфрла обвинувањата. Вели, општината едноставно нема капацитет да стопанисува со ваков објект.

Но, Дино паркот не е единствениот проект финансиран од унгарскиот кредит што отвора прашања. Општината планира изградба на паркинг платформи над реката Отиња, како решение за сообраќајниот хаос. Михајловски предупредува, ова ќе го наруши изгледот на градот и ќе ги уништи пешачките патеки. 

Но, Михајловски не е единствениот кој реагира за ова. Од невладината организација green.org предупредуваат дека бетонските платформи врз речно корито имаат сериозно негативно влијание, ја нарушуваат природната функција на реката, го зголемуваат ризикот од поплави и го деградираат јавниот простор. Јорданов возвраќа, платформите ќе се градат само таму каде што нема пешачки патеки и нема да се наруши просторот.

Штип веќе неколку години има платформи над Отиња, Граѓаните се поделени по ова прашање.

Но, прашањето не е само каде ќе се паркира, туку и каков град ќе се гради. Додека едни проекти треба да го решат секојдневниот сообраќаен метеж, други отвораат дилема, дали јавните пари се трошат на вистинските приоритети. Во таа насока, Општината планира и реставрација на тврдината Исар, еден од симболите на Штип. Опозицијата смета дека има многу поважни приоритети, особено кога веќе постојат автентични стари куќи кои пропаѓаат. 

Исар е симбол на Штип и заслужува да биде уреден, вели градоначалникот Јорданов. Најавува нови содржини, видиковци и осветлување. 

Дино парк, паркинзи над Отиња и реконструкција на Исар. Tри проекти, три различни визии. Додека локалната власт зборува за развој, опозицијата предупредува на лоши приоритети и политички калкулации. Како ќе изгледа Штип по реализацијата, ќе ќе се види наскоро, но дебатата веќе е отворена.