Тројца повредени и 66 приведени при судири меѓу полицијата и анархисти во Атина
Foto

Тројца повредени и 66 приведени при судири меѓу полицијата и анархисти во Атина

Повредени најмалку три лица, 66 приведени, од кои 13 уапсени, најмалку три опожарени автомобили, фрлени стотици молотови коктели, шок бомби и солзавец, употреба на водени топови и значителна материјална штета е билансот од судирите што траеја до доцна во ноќта меѓу групи анархисти и полицијата во атинската населба Ексархија, каде пред 10 години беше убиен 15-годишниот Алексис Григоропулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во судирите, што со мали прекини траеја повеќе од три часа, со повреди се здобија двајца полицајци и еден цивил и сите беа пренесени во болница.

 

Пред да започнат инцидентите, маскираните лица, веројатно анархисти, на неколку места во атинската населба Ексархија, поставија барикади од разни предмети, меѓу кои и контејнери за смет, сообраќајни знаци и делови од метални конструкции, со цел да го спречат пристапот на полицијата.

Потоа, следеа и нападите на анархистите врз полицијата со молотови коктели и пиротехнички материјали, на што полицајците одговорија со солзавец, шок бомби и со водени топови.

Молотовите коктели, некои со послаба, но некои со особено голема јачина, периодично, како дожд паѓаа врз полициските единици.

 

Со цел состојбата да не излезе од контрола, полицијата ги искористи двете возила со водени топови – едното за да ја урне металната барикада, а второто за да ги растера маскираните лица, но и за да го изгасне огнот предизвикан од молотовите коктели, но и од потпалувањата.

Дел од маскираните лица, се качија на еден од балконите на последниот кат на зграда што се наоѓа на улицата каде се случуваа инцидентите и со молотови коктели фрлаа кон полицијата, но и врз полициското возило кое со воден топ ги растеруваше анархистите.

Еден од молотовите коктели, падна врз тенда на еден стан, но со навремена интервенција беше спречено проширување на пожарот.

 

Атинската населба Ексархија, која се наоѓа на помалку од два километри од центарот на Атина, уште еднаш наликуваше на бојно поле. Дишењето беше отежнато поради големото количество на солзавец во воздухот, а полицијата на неколку пати интервенираше и побара од новинарските екипи, од безбедносни причини да се оддалечат од деловите каде што во тек беа инцидентите.

Грчката полиција, вчерашните протести во текот на целиот ден ги следеше со хеликоптер и со дрон.

Претходно, во попладневните часови, во сеќавање на убиеното момче се одржа мирен протестен марш во центарот на Атина до грчкиот Парламент.

0 Коментари

Остави коментари