Тројца администратори од НБ го преземаат управувањето со „Алта банка“, за 21 ден треба да ја утврдат состојбата
Течат роковите за разрешување на кризата со Алта банка Битола. Тројцата администратори назначени од Народната банка имаат 21 ден да ја утврдат целокупната финансиска состојба и да достават извештај.
Привремената управа е воведена на три месеци, а српскиот сопственик треба во рок од неколку дена да ги понуди акциите на продажба. Во спротивно, постапката ќе ја преземе Народната банка. Поранешниот член на Советот на Народната банка, Синиша Наумовски, предупредува дека времето е клучно. Според него, иако битолската банка е посебен правен субјект, случувањата во Србија ја нарушиле довербата на штедачите. Затоа, смета дека најдобро решение е брза промена на сопственоста.
Наумовски смета дека Народната банка мора брзо да реагира за да се избегнат дополнителни компликации. Според неговата анализа, во првите девет месеци од годинава кредитното портфолио на битолската банка пораснало за 28 проценти, додека паричните средства се намалиле. Тој го отвора и прашањето дали била направена доволно темелна проверка на српскиот инвеститор при преземањето на Стопанска банка Битола.
Од Владата, пак, уверуваат дека институциите ја следат состојбата и меѓусебно комуницираат. Портпаролката Марија Митева, во синоќешната „24 Анализа“, истакна дека надлежните реагирале навремено. Според неа, пензиите на околу 11 илјади пензионери биле исплатени, а за оние без платежни картички се предвидени посебни шалтери. Истовремено, го обвини СДСМ дека со своите изјави создава непотребна паника.
Во Србија, пак, и официјално е отворена стечајна постапка за Алта банка. Тамошните банкарски експерти ја преиспитуваат неопходноста од стечајот, додека српскиот економист Божо Драшковиќ тврди дека сигнали за проблеми имало уште пред една година. Се бараат одговори и за сомнителните 380 милиони евра, како и за одговорноста на српската централна банка, која според критичарите не реагирала навреме.

