Тричлена комисија ќе избора нови членови на Судскиот совет од редовите на судиите
Апелите и повиците и останатите членовите на Судскиот совет да си поднесат оставки не стивнуваат.
Откако Коалиција „Сите за правично судење“ ги поздрави оставките на судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радева-Стефкова и ги повика и другите членови да го направат истото, и други експерти од правната фела сметаат дека тоа би било најдобро во овој момент. Универзитетската професорка Ана Павловска Данева вели оти советот во овој состав повеќе нема легитимитет, па преку интерпелација во Собранието најпрво на дел од членовите, етапно да се изврши промена на целиот состав.
На иста линија со Данева е и адвокатот Ванчо Шехтански, кој вели дека по циркусот во советот, не е логично да се очекува истите овие членови да учествуваат во носење на следни важни одлуки, како што е на пример изборот на судии. Според Шехтански многу поедноставно би било кога би имало некој кој во оваа фаза ќе може да го разреши целиот состав на советот.
Оставките на судиите Радева-Стефкова и Герасимовски доаѓаат во време кога советот се соочува со критики буквално од сите страни, а и самите судии во образложувањето на оставките ги наведоа овие факти.
Судскиот совет е тело кое избира судии, ја цени нивната работа, одлучува по предмети, па поради тоа советот веќе формираше тричлена комисија на чело со судијата Ханиф Зендели, која пак во наредниот период ќе треба да објави оглас и потоа преку непосредни избори да се донесат замени за испразнетите места во советот.