Три лица загинаа во сообраќајка кај Кадрифаково, меѓу нив и 15-годишно девојче
Три женски лица го загубија животот, а уште четири се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи денеска на автопатот Штип - Миладиновци на околу половина километар од патарината кај село Кадрифаково. Несреќата се случила во 12:10 часот помеѓу две возила.
Портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова потврдува дека станува збор за несреќа во која животите на самото место ги загубиле 15-годишно девојче од Скопје, 62-годишна жена од кочанското село Уларци, а 37 годишна жена од Скопје и подлегнала на повредите во Клиничката болница во Штип. Неофицијално, станува збор за мајка, ќерка и баба.
Засега нема официјални информации за здравствената состојба на повредените лица, од кои едно е пренесено во Скопје, а останатите се во штипската Клиничка болница.
Увидот на местото на несреќата сè уште е во тек, а сообраќајот на овој патен правец е во прекин и возилата се пренасочуваат по стариот регионален пат. Инаку, ова е втора тешка сообраќајна несреќа на истокот за оваа недела и билансот од двете сообраќајки е четири жртви.