Три европски држави побараа Западниот Балкан побрзо да стане дел од Европската унија
Австрија, Хрватска и Словенија со заеднички став, ЕУ да го забрза проширувањето со Западен Балкан, а земјите-членки да се воздржат од вметнување на билатерални проблеми.
Австрискиот министер за Европа - Александар Шаленберг и шефовите на дипломатии на Хрватска и Словенија- Гордан Грлиќ Радман и Тања Фајон објавија заедничка изјава, во која велат, дека бавното темпо на проширување, резултирало со оттуѓување на регионот од ЕУ, а Македонија ја потенцираа како пример за билатерални сопки на европскиот пат.
- Следните чекори зависат од способноста на земјата да ги донесе потребните уставни измени. Северна Макеоднија е потсетник дека земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан треба да играат одговорна улога и да се воздржат од вметнување билатерални проблеми и спорови, кои не се поврзани со процесот на пристапување. - се вели во заедничката изјава на Александар Шаленберг министер за Европа на Австрија, Гордан Грлиќ Радман - МНР на Хрватска и Тања Фајон - МНР на Словенија.
А вицепремиерот Маричиќ денеска порача дека не очекува нови барања од Бугарија. Вели, дека по вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав, Софија нема да има кредибилитет за нова блокада. На прашање каква е бугарската реакција за француско-германскиот предлог за укинување на ветото во процесот, порача:
- Сигурен сум дека кога ќе дојдат тие теми да се дискутираат ќе има држави, не само Бугарија и други коишто ќе имаат забелешка на тој начин на менување на принципот, на едногласност во делот на проширувањето. Ние треба да се погрижиме во моментот кога ќе дојде времето да се носи одлука за наше членство во ЕУ никој да нема против.
Маричиќ, денеска се осврна и на уставните измени, вели ќе се случат во моментот кога ќе бидат сигурни 80 гласа. И покрај неизвесноста за промена на уставот, потенцираше, дека веќе се работи на Патоказите и Акцискиот план за малцинствата, кој Македонија мора да ги изготви паралелено со промената на уставот. Порача и дека допрва ќе има формални консултации со граѓанските организации и најмалку една сесија во Собранието и дека се отворени за понуди и соработка со опозицијата.
А од законодавниот дом, денеска, пристигна нова порака. Потпредседателката на шведскиот Риксдаг, која е во посета на Македонија им се обрати на македонските пратеници.
- Во Европската Унија постои расположение за проширување. Се надеваме дека проширувањето ќе дојде порано , а не подоцна и дека Северна Макеоднија ќе стане дел од Европската Унија. - вели Шестин Лундгрен потпретседателка на шведскиот Риксдаг.
Овој период низ ЕУ циркулираат два документи, Предлогот на Франција и Германија и Австрискиот нон пејпер за побрза интеграција. Земјите членки веќе ги разгледуваат, а допрва ќе се знае и каки реформи ќе доживее процесот на проширување.