Три денари по килограм грозје дополнителна субвенција од државата бараат лозарите
Foto

Три денари по килограм грозје дополнителна субвенција од државата бараат лозарите

Интервентна субвенција од државата бараат лозарите од Тиквешијата, членови на новоформираното регионално здружение „тиквешки лозаро-овоштари“. Тие се револтирани од цените на грозјето, кои најголемиот откупувач, винарската визба „Тиквеш“ веќе ги објавила. Велат дека грозјето годинава има екстра квалитет и логично е неговата цена да се зголеми. Навредени се од дел од претставниците на министерството за земјоделие, кои на последниот состанок им рекле дека тие не се едуцирани и не знаеле да произведат квалитетно грозје.

Овие лозари велат дека од година во година трошоците за производство на грозјето се зголемуваат, а откупната цена се намалува. Според пресметките кои ги направиле, нивниот ќар со објавените цени е од два до три денари по килограм, што според нив е премалку за трудот кој го вложуваат. Згора на тоа, лозарите предупредуваат дека државата сеуште не им ги исплатила ветените пари од интервентната мерка, но и долговите од пропаднатите винарии кои таа ги презема.

Од министерството за земјоделство го повторија ставот дека ќе помогнат лозарите и визбите сами да се договорат околу откупната цена. Но, повторија дека се работи за пазарни односи меѓу производител и купувач.

Сепак, доколку лозарите на крајот не добијат цена за грозјето од која ќе бидат задоволни, од министерството за земјоделство се подготвени да одобрат нова интервентна мерка. Лозарите од регионалното згружение пак се децидни – ако не го добијат она што го бараат, ќе почнат со протести и блокади. Во меѓувреме, другото лозарско здружение од кавадарци „напреден лозар“, за утре закажа прес конференција, на која ќе ги објават нивните барања.

0 Коментари

Остави коментари