Три деца загинаа, а седум луѓе се повредени во експлозија на плинска боца во кумановско Романовце

Три жртви и седуммина повредени е билансот по експлозијата на плинска боца во семејна куќа во кумановско Романовце. Експлозијата настанала во 10 часот во куќата на Ш.А. Од експлозијата на плинската боца настанал пожар во кој три деца починале на самото место, а повредените биле пренесени најпрво во општата болница Куманово каде што им биле констатирани тешки телесни повреди. 

Поради сериозноста на повредите тие потоа биле префрлени во Ургентниот центар Скопје и во градската општа болница. Четворица од повредените, како што изјави министерот за здравсто Венко филипче, се во тешка состојба со висок степен на изгореници. 

„Четворица се сместени во Клиничкиот центар и тројца во старата Градска болница. Од четворицата сместени, двајца се наоѓаат на Клиниката за пластична хирургија, тоа се двајца мажи на 60-годишна возраст и две жени на 40 и 45-годишна возраст во Одделот за интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација, интензивно лекување. Од тројцата пацинети во старата Градска болница, една жена на 40-на години е во одделот за интензивна нега, интубирана е на респираторна машина, има помлада жена од 20-на години која е бремена, во овој момент се вршат прегледи од страна на гинеколог и едно дете кое има мал процент на изгореници“ - вели Венко Филипче – министер за здравство.

Заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу го посети местото на несреќата. 

„Заедно со заменик директорот на Бирото за јавна безбедност и со заменик началникот на СВР Куманово да изразиме сочуство до семејството. Ова е навистина голема трагедија. За жал е констатирано дека три деца се починати на 10, 12 години“ - рече Агим Нухиу – заменик министер за внатрешни работи.

Од противпожарната единица потврдија дека интеренирале за гаснење на пожар во куќа во Романовце. Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Куманово излегоа на местото на експлозијата за да ги утврдат причините за несреќата.