Третиот сет на владини мерки, помош за граѓаните и економијата или предизборен поткуп?
Foto

Третиот сет на владини мерки, помош за граѓаните и економијата или предизборен поткуп?

Владата одлучи пред избори да подели 355 милиони евра на граѓаните и фирмите, како дел од третиот пакет економски мерки. Опозицијата, но и пошироката јавност ја отворија дилемата дали Владата прави поткуп на гласачи пред избори, со изговор дека им помага да излезат од економската криза предизвикана од коронавирусот.

Давањето пари директно кон граѓаните се практикува речиси во сите земји, за да се поттикне личната потрошувачка. Но кај нас власта темпира исплатата да биде во јуни и во јули, а изборите веднаш по тоа. Дел од економистите велат дека термините не се случајни.

„Мислам дека не треба да си многу паметен на Балканот за да сфатиш дека опозицијата ќе направи се за да дојде на власт што е можно побргу, а власта ќе направи се за да се задржи подолго. Така што на Балканот тоа е веќе позната практика. Во Македонија со последните мерки се купуваат главните групи на интерес, студенти, пензионери, граѓани. Сите овие мерки одат во прилог на купување на гласачи кои процентуално се најголеми во општеството.“ - изјави Висар Адеми, економски аналитичар.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Заев и СДСМ со парите на граѓаните ќе трчаат на избори и ќе вршат поткуп на гласачи.

„Мерките кои што ги најавија се мерки за еднократен поткуп на гласачи, тие не им помагаат ниту на граѓаните ниту на фирмите, и тие нема да имаат ефект за заживување на економијата. Дополнително треба да знаеме дека тоа се пари кои ги немаме, односно треба да ги позајмиме и да ги задолжиме идните генерации. Само до сега од јануари до април 2020 година долгот е зголемен за нови 200 милиони евра, колку што изнесува буџетската дупка. Оваа неспособна влада до крајот на годината планира да се задолжи и до 1.3 милијарда евра, пари кои ќе требаат за да се закрпат дупките од неспособното и криминално работење на власта.“ - изјави Владимир Нелоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Власта демантира дека купува гласови. Според нив мерките треба да ја рестартираат македонската економија. Во следните две-три недели Владата ќе објави повик за пријавување на граѓаните кои сакаат да добијат ваучер за летување и платежна картичка. Советникот на премиерот Битиќи вели дека викендите без ДДВ ќе се воведат на крајот на летото, а право да ја користат оваа мерка ќе имаат граѓаните што скенираат сметки.

„Ова е мерка која се предвидува да се реализира кон крајот на август и почетокот на септември, со очекување дека пандемијата ќе спласне. Секако, ако во тој период има такви препораки за негрупирање, ќе се види кога е најпогодниот момент за тоа да се реализира. Нема да креираме мерка која што ќе ги загрози животите на граѓаните.  Ова не е некоја нова активност која не е направена и во други земји. Само корисниците на апликацијата ‘Мој ДДВ’ ќе можат да учествуваат во нејзе и само продуктите кој единствено тој ден ќе се продадат и ќе имаат фискална сметка влегуваат во овој пакет на викенд без ДДВ.“ - изјави Фатмир Битиќи, советник на премиерот.

Парите од платежните картички ќе може да се користат за купување на македонски производи, но и со нив да се плаќа во кафеани и фризерници. Со третиот пакет мерки, според најавата, таргетирани се 730 000 граѓани.

0 Коментари

Остави коментари