Трет смртен случај од западнонилска треска, шестмина се во критична состојба

Трет смртен случај од западнонилска треска е регистриран во Македонија. Пациентот на 61 годишна возраст кој имал и други заболувања починал во саботата. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека досега се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, додека три лица се водат како суспектни и се во процес на дијагностицирање.

Од заболените,шест пациенти во моментов се во критична состојба и се лекуваат на одделите за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести.

Сашо Клековски, министер за здравство

- Најголем дел од нив се згрижени на Клиниката за инфективни болести, еден пациент е згрижен во приватна клиника. Имаме три починати и 15 излекувани кои се отпушени од инфективната клиника.  Саботата почина третиот пациент, 61 година од едно афектираните места.

Министерот Клековски информираше дека здравствените установи се подготвени за зголемен број случаи бидејќи според него, значително е зголемен капацитетот за дијагностика.

Сашо Клековски, министер за здравство 

- Дијагностички се подигнати капацитетите максимално. Ако минатите години се правеле по 40 анализи годишно, ние сме веќе на ритам од 4 до 8 анализи дневно. Да потсетам дека двапати и треба два независни теста за конечна потврда на дијагнозата и веќе се информирани од поодамна сите доктори кои може да дојдат со евентуално заболени пациенти и веќе се информрани сите инфективни одделенија, матичните лекари, семејните лекари, клиниката за неврологија.

Надлежните уште еднаш потсетија дека  при мапирањето на случаите мора да се прави разлика меѓу местото на живеење на пациентот и местото каде што најверојатно се заразил.

Во моментов најкритични подрачја каде има прогласено епидемија  општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и за населените места Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери. 

Во однос на прскањето против комарци, иако во општина Илинден се прскало уште во април, сепак досега има три случаи таму. Во општина Гази Баба, пак, повторно се направи вонредна дезинсекција и мехнаничко прскање во сите населени места за да се спречи ширење на вирусот.

Според досегашните информации, За само една недела, битката со вирусот ја загубија двајца скопјани на 83 и 72 годишна возраст. Двјцата имале и други заболувања.