Трет напад кон Раде Трајковски - Штекли - фрлена експлозивна направа во неговиот двор
Трет напад врз Раде Трајковски-Штекли, овој пат надвор од трговски центар. Утрово, во 9.20 било пријавено во СВР Скопје дека била поставена бомба во неговиот двор во населба Ќерамидница. Покрај неговиот дом и во дворното место, екипи на МВР беа и низ тесните и не толку пристапни улици во населбата.
Жителите вознемирени и никој не сакаше да коментира. Здравствената состојба на Штекли е стабилна и надвор од животна опасност, вели директорот на УК „Св. Наум Охридски“, во телефонски разговор за ТВ 24.
„По извршените првични прегледи, установени се повреди од типот на опекотини во пределот на вратот и лицето. Направени се поптребните испитувања, направена е обработка на раните и понатаму е препратен на дополнителни испитувања во Клинички центар, за оние работи кои не можат кај нас да се испитаат. Пациентот е стабилна состојба и не е задржан на болничко лекување.“ - д-р Небојша Настов директор на УК „Св. Наум Охридски“.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. Министерот Панче Тошковски вели дека како институција, соодветно ќе одговорат на оние кои на ваков начин ги вознемируват граѓаните.
„Во врска со конкретниот кривично правен настан, запознаен сум од утринава, добро е што немаме животно загрозувачка состојба на никого во овој момент. Лошо е што криминалните банди си харааат и денеска. Но, соодветно, одлучно и сурово како институција ќе одговориме на сите оние кои го реметат мирот на граѓаните. Во рамки на сето она што е надлежност на МВР, согласно капацитетите кои ги имаме ќе постапиме. Нема повеќе да се мижи како што се мижело претходно.“ - Панче Тошковски министер за внатрешни работи.
Раде Трајковски Штекли, три пати беше мета на напад. Како и за претходните обиди и овој пат на социјалната мрежа „Тик ток“ бил најавен нападот. Минатата година, прво на паркингот во ТЦ „Ист гејт“, од автомобил „ауди“ со странски таблички пукале кон блиндираната кола во која бил Трајковски. Потоа на скалите во ТЦ „Ист Гејт“, напад во кој Штекли беше погоден со неколку куршуми, но беше повреден и неговиот пријател. Во тој момент, иако имало голема раздвиженост во истиот центар, никој од поситителите не беше повреден.