Трет ден на Давос: Руте бара зголемена поддршка за Украина заради постигнување траен мир со Русија

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ги повика светските лидери да ја „засилат, а не да ја намалуваат“ поддршката за Украина, со цел земјата да влезе во евентуални мировни преговори со Русија во најдобра можна позиција, пренесува Гардијан.

Руте истакна дека е клучно да се „промени текот на војната“, предупредувајќи дека фронтот се движи во погрешна насока.

Според Руте, постојат три важни причини за ова. Прво, за самата Украина. Руте нагласи дека не смееме да дозволиме една земја да нападне друга и да се обиде да ја колонизира во 21 век. Второ, бидејќи Кина, Северна Кореја, Иран и Русија соработуваат. „Лош договор“ би значел, како што рече Руте, рускиот претседател „да се радува со лидерите на Северна Кореја, Иран и Кина“.

Трето, затоа што ако Украина ја загуби војната, членките на НАТО би се соочиле со „трилиони“ долари дополнителни трошоци за зајакнување на своите армии, што е „многу, многу повисока цена“ од она што се разгледува денес.

Руте додаде дека постои обврска Украина да стане членка на НАТО.

- Доколку рускиот претседател Владимир Путин може да биде доведен на преговарачката маса, важно е да се обезбеди „одржлив мир“, рече Руте, апелирајќи да не се повторуваат мировните договори од Минск во 2014 година.

- За мирот да биде одржлив, мора да се осигураме дека Путин никогаш, ама баш никогаш, повторно нема да се обиде да заземе ниту еден квадратен километар од Украина, додаде тој.